Боречки вештини, Суплементација, Фитнес

Мотивација или дисциплина?

Доколку сакаш да постигнеш некоја цел, постојат две работи кои ќе ти помогнат во остварувањето целта. Тоа се мотивацијата и дисциплината.
Сите активности на човекот започнуваат со мотивите, а се остваруваат со дисциплина и волја. Иако како главна тема во овој текст е земен тренингот, истите принципи важат за сите полиња во животот.

Мотивација?

Изреките се добри, како и мотивационите видеа. Но што кога огнот ќе згасне и мотивацијата ќе ја снема?

Проблемот со мотивацијата е тоа што најчесто е основана врз надворешни фактори – што ќе видиме на телевизија или на you tube, што другите ќе кажат или ќе направат. Акциите на другите луѓе можат позитивно да влијаат врз нас и тоа ни дава мотив да постигнеме некоја цел.

Почни од среда, од понеделник никој не почнал !

Но мотивацијата е само искра што треба да го запали огнот, а за да опстане огнот потребна е дисциплина. Многу пати луѓето кога треба да исполнат некоја задача, знаат да кажат “од понеделник”, “од први”, “од септември”, “после празниците” и така натаму. Ист е и случајот со слабите ученици кои си ветуваат себе си дека “сигурно ќе почнат да учат од второ полугодие”. Мотивирани се во моментот, се додека дојде време да се соочат со задачите па повторно да ги одложат.

Но знаеме дека по патот “подоцна” се стигнува до местото “никаде”. Ќе ги земеме за пример и почетниците во боречките спортови кои имаат голема желба да се борат еден ден. Ќе погледнат некое мотивационо тренинг видео или моменти од борби и им се јавува мотив за да се натпреваруваат, па ќе си ветат дека од наредната недела ќе започнат со подготовки за нивната борба. Но тоа е само моментална желба. Кога ќе треба да се остави алкохолот и ноќните излегувања, кога ќе дојде време да се стане рано, да се тренира по 2 пати во денот иако се изморени од претходниот ден, да се има правилна исхрана и одмор поради тешките тренинзи и тоа за 6 до 12 недели, најчесто попуштаат. Тоа е така поради недостиг на дисциплина и константност во работите кои претставуваат предизвик и тешкотија.

Дисциплина!

Дисциплина значи да го одбереш подолгиот и потешкиот пат. Дисциплината повикува на сила и цврста волја и не прифаќа слабости.

Можеби ја гледаш како противник, но таа е твојот најдобар пријател и сојузник.

Таа е мост помеѓу твојата цел и успехот. Дисциплина е кога завршуваш задачи што не ги сакаш, но знаеш дека ќе ти помогнат тебе и
на твојот тим.

Дисциплина е кога бараш многу од себе а малку од другите.

Како да развијам дисциплина за тренинг?

Едноставно е. Напиши на хартија 2 работи и вети си дека ќе ги извршуваш барем 7 дена секој ден, без разлика дали сакал или не. Така лесно ќе изградиш работна дисциплина и со текот на времето работата што ти претставувала тешкотија ќе ти стане нормална навика. Замисли дека тренингот или било која друга работа која ти претставува предизвик треба да ти стане нормална рутина како и сите други работи во животот. Замисли секоја вечер да гледаш мотивационо видео за миење заби кое би те натерало да ги измиеш забите… Секако дека нема да гледаш, бидејќи миењето заби ти е нормална рутина и веќе имаш дисциплина за таа работа, така што го правиш правиш без да размислуваш. На тоа ниво треба да го доведеш и самиот тренинг. Нека не ти претставува тешка обврска, туку нека ти стане нормална секојдневна рутина. А доколку се подготвуваш за натпревар, постојано потсетувај се дека некој, некаде работи понапорно од тебе, така што ќе се присилиш да работиш понапорно секој нареден ден.

Мотивацијата е само искра која треба да го запали огнот, а дисциплината го одржува жив!